|
||||
МАЈКИ МАКЕДОНСКИ, САКАЈТЕ СИ ГИ ДЕЦАТА |
МАРИЈА ЕМИЛИЈА КУКУБАЈСКА Во сеќавање на писателката Емилија Кукубајска (16, 08, 1979 – 11, 09, 2006) Од книгата: Слобода над смртта Свршува се’ – само небото не, зашто е СЛОБОДА НАД СМРТТА. Дете мое, таму сега си, со Бог, нова круна на сончевото дрво на животот, со чесност, добрина и правда. Љубов мамина, среќна ти вечност! Сега, кога не можам да кажам, среќен ден, Еми, срце мајкино, единствено, Божје... Непрекинато, и сега зрачиш и мудрост мир. И понатаму значиш славење и на празници и на делници, и за нови години и за стари, во Вашингтон, Лос Ангелес, Бенгази, Скопје. И со љубената фамилија и со непознатите, кои беа „луѓе“. Со тебе непрекинат празник на благодетна радост е, славење на благословена љубов кон човекот, векот, светот... Радост си, и среде жал и бол. Радост непрекината – гледаш, вечност има и тука и таму, и напред и назад кон времињата... Убавини на добрината поведуваш, и по најмалку патувани, најмачни, и по највисоки, најчисти патеки, до јаснина на мислата, до срж на совеста Божја во овој свет растурен од злодела. Слава на срцето свето си, чедо Божје, чедо мајкино, македонско. Битие со бит на астробиологија. Позитивното за тебе не е негативно. Доброто не е едно што и зло. И војната и мирот не се еднакво оправдани страни, еднакви на первертирани анти-вредности. Реставрација на вистината си. Постојано поумна промена во трајноста на добрината непрекината во убавината на светото срце. Лекови веќе не ти требаат, лекови против лаги и лудости на светот, придружби од никого, освен од Бог и Неговите, нашите на небо... Недопирни од грешните останаа и тие, родителите наши, што издржаа да не бидат зафатени од лудите – упатени само во мајстори на измами. Не требаат веќе ни Давид „кралот“ за бисери во устата, во Вилард што се гордееше во наша придружба. Ниту говорникот Соломон во Меклин црквата, мудрости да цитира и кон небото да инспирира. Ти беше веќе директно од Бог вдахновена. Сега, и за секогаш, за тебе едно се и дух, и душа и ум, во семоќниот и сезнаен универзум. Свето светла брзина од која се лее лек. И таму ти си моја и на Бог, дете на небесниот танц, во шал од зраци и ѕвезди, од твои очи накитен. За милина мудра пееш, во мене, во нас мајките на најдобрите наследници. Плодови на духот сееш, за осознавање. Ослободена од материјата распадлива, духот твој ја победи смртта. Додека да дојде и мојот крај, Господе Боже, брани ме, мајка остарена од прерани загуби. Сама сум, освен со Тебе и со љубените срца, на детето што го родив и родителите што ме родиле. Бијат тие, и во воздухот и во здивот мој... Помогни ми, Татко небесен, да продолжам и јас да сум чувар на споменот на Емилија премила. Со неа се молевме: Сакајте се луѓе, луѓе Божји, луѓе човечни. |