Среда, 11 Март 2015   
Црковното живеење на македонците во Чикаго

slave-katin

Пишува СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

(ДЕЛ ОД КНИГАТА  „СВЕТОТ  НА  ДЛАНКА“)

ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – САД

Ма­ке­дон­ците во САД формираа македонски пра­вославни црк­ви, друштва, клубови и различни асо­ци­јации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други инфор­ма­тив­ни гла­сила на македонски јазик. Тоа при­донесува во но­вите средини Македонците да се претстават како за­себна на­ција, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите дру­­ги атрибути на еден народ во светот

Често пати се вели дека Америка е земјата на бизнисот и религијата. Тоа се потврдува со фактот што на тие богати простори век векуваат еден крај друг многу­бројни народи и нации од сите расни групи со различни ре­ли­гии и од сите континенти во светот. Меѓу нив, зна­чајно место имаат и Македонците, кои ги уживаат си­те права и слободи за развивање на своите на­цио­­н­ални чувства, на својата култура, религија и на сè она што ја карактеризира нивната самостојност и са­мобитност.

Во минатото Маке­дон­ците на северноамериканскиот континент биле во по­­по­дре­дена по­ложба во споредба со емиграцијата на соседните зем­­ји на Балканот. Затоа биле пос­тојана цел на ту­ѓи­те пропаганди. Соседните земји, со свои­те освојувачки и аси­ми­ла­тор­ски апетити, насто­ју­ва­ле со сите сили и пер­фидни средства, да ги придобијат и да се наметнат на неорга­ни­зи­ра­ни­­те Македонци, со цел да ја деформираат и да ја потиснат нивната нацио­нал­на свест. Така заразени од туѓите проп­а­ган­ди, за жал, како религиозни луѓе некои се приклучиле кон (про)бугарски, (про)српски, (про)грчки пра­во­слав­ни цркви и други организации и клубови.

Ме­ѓу­тоа, положбата рапидно се сменила по консти­ту­и­­­ра­ње­то на Република Македонија и осо­бено по об­но­ву­вањето на Охридската архие­пис­ко­пија во ли­цето на Македонската православна црква. Како резул­тат на тие придобивки, Ма­ке­дон­ците во Соединетите Американски Држави формирале многу македонски пра­вославни црк­ви, македонски друштва, клубови и различни асо­ци­јации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други инфор­ма­тив­ни гла­сила на македонски јазик.

Тоа при­донело во но­вите средини тие да се претстават како за­себна на­ција, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите дру­­ги атрибути на еден народ во светот. Македонските иселеници за­ста­­наа на страната на вистината, со цел да го афир­ми­­­раат македонскиот народ и Република Маке­до­нија.

chicago
Чикаго

Ние, го почувствувавме сè повидливиот и позначаен пулсирачки залет на нашиот човек, најнапред во Канада, а потоа и во Соединетите Американски Држави. Затоа и отпатувавме од аеродромот во Торонто,  кој е огромен, едноставен, практичен, со голем паркинг на катови, со безброј патокази и упатства за патникот за да може многу едноставно и лесно да се снајде кон својата дестинација.

Ние се упативме кон излезот за Чикаго, каде што набрзина ја завршивме царинската и граничната процедура и се најдовме пред влезот на „Пан Американ“ авионот кој леташе од Торонто за Чикаго. И покрај тоа што летот беше од интерен карактер, авионот ДЦ-9 беше еден од најсовремените. Покрај удобноста што ја чувствувавме при патувањето, забележавме дека секое второ седиште има и телефон.

Инаку во Чикаго, еден од најголемите и најкон­тро­вер­зните градови во светот, слетавме на неговиот најголем аеродром, „Охеира“. Овој град е втор по го­лемина во Соединетите Американски Држави, а најголем во државата Или­ноис. Тој е распространет долж Мичигенското Езеро и достигнува десетина милиони жители со пред­гра­ди­­јата.

Поради вонредно добрата геостратешка по­ложба Чикаго е важна сообраќајна раскрсница и пристаниште. Тој е најголем пазар на жито, стока и др­ва, како и најголема берза на производи. Чикаго е град со пет универзитети, високи технички школи, бројни науч­­ни институции и институти, меѓу кои најпознат е Институтот за користење на атомската енергија, ка­­ко и Уметничкиот институт, а познат е и по му­зе­и­те, операта, саемот…

Според историскиот календар, Чикаго бил фор­ми­ран во 1803 година, со што спаѓа меѓу постарите ме­тро­поли. За жал, во 1827 година бил уништен во силен по­жар, а потоа бил обновен и се развил во еден од најголемите и најпознатите центри, не само во Соединетите Американски Држави, туку и во светот.

Во Чикаго, од аеродромот со бе­ла­та лимузина, земена под наем за оваа пригода, се упа­тивме кон новата црква „Свети Кирил и Методиј“ во мес­носта Бервин. Пред црквата имаше неколку сто­тици Македонци. Ста­ри и млади облечени во народни носии, со цве­ќиња во рацете го исчекуваа тој миг, од значење за нив и за црков-ната општина. Секако, и за нас  убавиот духовен празничен повод и свечената пригода претставуваа задоволство.

crkva-sv-kiril-i-metodij-chicago
МПЦ „Св. Кирил и Методиј“ во Чикаго

Свеченоста по повод осветувањето на Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ започна со отслужување доксологија (молитва за добро пристигнување), на која присуствуваа бројни иселеници, а тоа претставуваше прва архијерејска молитва. Пред црквата се вееја бројни македонски знамиња. Сè беше подготвено за свечениот момент – осветувањето на црквата, што требаше да се изврши наредниот ден. На тоа македонско место од неколку хектари е изграден еден од најубавите духовни и културни центри на американскиот континент. Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ е пространа црква, изградена од тврд материјал, на која сè уште мирисаше свежиот малтер. Во храмот има голема и убава свечена сала за околу 500 луѓе, две помали сали и други простории и голем паркинг. Во таа прекрасна оаза од зеленило што излегува на две улици е изграден дом за свештеникот и убав простор за одржување пикници и други манифестации, во што се вградени трудот, средствата и љубовта на целата управа и на сите членови на црквата.

Свеченостите за евангелисувањето на црквата започнаа во претпладневните часови, кога река од луѓе и автомобили се слеваше кон новиот македонски храм. Во присуство на повеќе од илјада луѓе свечениот чин го изврши полошко-кумановскиот митрополит г. Кирил, во сослужение на македонски свештеници. Се отслужи прва архијерејска литургија, се направи опход околу црквата, потоа на англиски и на македонски јазик се читаше апостолот, а се извршија и други церемонии од архијерејската литургија.

Во попладневните часови првпат во новата сала се одржа банкет на кој присуствуваа повеќе од 500 верници, за кои црквата приреди бесплатна гозба. Во атмосфера на големо расположение од значајното постигнување, осветувањето на црковниот, културно-просветниот и спортскиот дом, дарежливите Македонци на дело ја покажаа љубовта кон црквата и дедовската земја – Македонија: беа собрани околу 50.000 долари, што ќе го збогатат фондот на црквата за во иднина да биде центар  за собирање на македонските доселеници од тие простори.

Најголемата радост на банкетот, секако, беа четириесетината Американчиња од македонско потекло, кои пред присутните, по химната „Денес над Македонија се раѓа“, ги презентираа своите фолклорни и пејачки способности, за што беа наградени со долготрајни аплаузи.

g-g-dositej
Архиепископот на МПЦ г.г. Доситеј

Публикацијата „Македонските православни цркви во Австралија, САД и Канада“ од Славе Николовски-Катин е издание на НИО „Нова Македонија“, Скопје, 1991, 1-192, која беше промовирана во Ресен од академик Блаже Ристовски, а по повот 700 години од манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа

Инаку, иницијативата за покренување на изградба на македонски-духовно културен дом „Свети Кирил и Методиј“ што служи на интересите на македонските доселеници од сите делови на Македонија била покрената на 21 мај 1976 година. Притоа, било одлучено да го носи името на свети Кирил и Методиј со што општината била примена како дел од Македонската православна црква со писмо на светиот архијерејски синод. Потоа, во потесното градско подрачје на Чикаго управата купува зграда на една лутеранска црква што ја преуредила и ја приспособила за вршење на православни богослужби. Потоа било купено новото место каде се поставиле темелите и бил изграден новиот храм. Во состав на црквата работи Фудбалскиот тим „Македонија“, неделно училиште, женска секција и Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, едно од најдобрите и најуспешните македонски друштва во Соединетите Американски Држави.

Во Чикаго постои и МПВ „Св. Параскева – Петка“.Основањето на оваа втора македонска православна црква на просторот на Чикаго бил актуелизиран 1992 година. Иницијативниот одбор на 15 декември 1991 извршил потребни консултации со тогашниот поглавар на МПЦ г. Гаврил, при што била донесена одлука за формирање на македонска црква што ќе го носи името „Св. Параскева – Петка“. Потоа на 24 декември 1991 година, црквата била регистрирана пред власите на државата Илиноис, а на 20 август 1993 година светиот архиерејски синод на МПЦ ја примил оваа црковна општина под јуриздикција на МПЦ.

sv-paraskeva

Од 9 август 1992 година богослужбите почнале да се одржуваат во објектот кој бил оспособен да служи како македонска православна црква. Притоа, особено била реновирана салата која може да прими околу 200 посетители. Во состав на црквата мошне активна е женската секција, играорната група и црковниот хор.

Другиот ден го искористивме за разгледување на Чикаго и за посета на значајни места. Нашите домаќини нè однесоа во строгиот центар на градот, каде се наоѓа една од највисоките згради во светот. А центарот, или „даун таун“, како нашите го презеле збо­рот од англискиот јазик, навистина е, можеби, нај­ка­рак­теристичен за Америка. Извишени згради со многу интересна архитектура. Секоја е целина за себе, а сите тие многукатници пра­ват едно големо архитектонско чудо. Градот диши, пулсира многу потопло, попријатно и на­род­ски од каде било во светот со својата посебност.

makedoncite-vo-chicago
Македонците во Чикаго

Се шетавме по сите квартови во кои живеат Кинези, Италијанци, Елини (Грци), Полјаци… Според составот на населението така се нарекуваат и квартовите. Меѓутоа, центарот се чини е најпривлечен и со многу топлина. Затоа често се вели дека и Ал Капоне, не случајно го одбрал центарот на Чикаго. Домаќините ни ги покажаа и улиците од времето на Ал Капоне и од филмовите за него. Беше интересно кога слушнавме дека и еден Македонец бил дел од ган­г­стерскиот живот во тие години.

 

 

На прво место

Историја

News image

Христо Узунов

Роден е во Охрид, на 22 февруари 1878 година во Охрид. Уште како ученик на Солунската егзархиска гим...

Иселеници

News image

Зошто изумираат јазиците

Историскиот развој на светските јазици е приказна за себе ...

Култура и туризам

News image

Легенди од Кратово и Кратовско

Гаѓан камен На 24 километри западно од Кратово, во непосредна близина на познатиот археолошки локал...

Фељтон

News image

ПОЧЕТОЦИТЕ НА ОСВОЈУВАЊАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ (ВЕЛИКИ) (4)

Александар пресметал дека со една изненадувачка демонстрација на сила, би можел да...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.