Македонците од леринско, воденско, солунско и други делови во Грција синоќа во Овчарани го одбележаа националниот празник Илинден.
Гостите на народниот собир меѓу кои и многумина од Македонија, како што пренесе изветувачот на Канал 5, ги забавуваа „Синтезис“ , Сузана Спасовска, Елена Велевска кои по првпат атмосферата во Овчарани за Св.Илија ја направија исклучиво македонска. За разлика од другите години немаше воопшто грчки песни. По концертот на „Синтезис“ почна традиционалното оро кое траеше се до раните утрински часови. И покрај обидот на мала група присутни со свирежи да ја намалат прославата на големиот празник, сепак се мина во најдобар ред.
И покрај обидите на локалните претставници на грчките власти и на префектурата во Лерин каде што градоначалникот е со македонско потекло, сепак, не мина се во перфектен ред. Екипата на Канал 5 беше спречена професионално да си ја заврши работата затоа што со образложение дека нема специјална дозвола за снимање во Овчарани, не можеше да замине таму со службеното возило и потребната видео опрема.
За инцидентот се заинтересираа и членови на Европската слободна алијанса која е четврта по број сила во Европскиот парламент. Тие најавија можност за ова прашање и за прекршување на слободата на известувањето да се зборува и на некоја од наредните седници во Европарламентот. |