|
|
Вечна му слава на Георги Томов - Џорџ (18 Март 1933 - 5 Август 2008) |
Тригодишен помен, од загубата на првиот Амбасадор на Македонската култура во САД, патриот, уметник и пред се пријател на сите Македонци и пријатели на Македонија.Георги (Георге) Томов, роден брат на Јанко, кој живееше во Њујорк (САД) повеќе од 40 години, е основач на Голд Данце Фоундатион” на Америка и на Фолклорниот ансамбл и студио Георге Томов. Добитник е на ОРДЕНОТ НА ЧЕСТА, за 2005 година, што го доделува Владината организација НЕКО (од Владата на САД). Ова највисоко Општествено признание, за ПРВПАТ е доделено на МАКЕДОНЕЦ за АВЕНТИЧНО ПРЕЗЕНТИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА. Мегу досегашните добитници на ОРДЕНОТ НА ЧЕСТА, се шест досегашни Претседатели на САД, како и извесен број познати американски државјани, меѓу кои: Џими Картер, Џорџ Буш, Роналд реган, Бил Клинтон, Хилари Клинтон, Мохамед Али, Боб Хоуп, Френк Синатра и други, а меѓу нив и Ѓорги Томов. Еве ги првите реакции за смртта на Георги, од неговите најблиски пријатели и познаници, во македонските медиуми, во 2008 година и тоа од Јордан ПЛЕВНЕШ: Веста за смртта на Џорџ Томов одекна насекаде, како голема загуба, не само во Македонија, туку и низ сите меридијани каде што живеат Македонци, од Австралија и Нов Зеланд преку Европа до Канада и САД, бидејки Џорџ Томов беше митско име на современата македонска историја. Уште од својата рана младост, Џорџ Томов (роден 1933 год. во Струмица) започна со своите професионални ангажмани, прво во „Танец”, а потоа во хрватскиот ансамбл „Ладо”, за потоа, со неговото патешествие, преку Франција до САД, во новиот главен град на светот, Њујорк или Големото јаболко, на Менхетен да ја формира институцијата „Интернационален ансамбл за танц Џорџ Томов” низ која поминаа над 3.000 лица од американскиот континент и нашинци раселени низ светот. Џорџ Томов, меѓународен професор и бард на историјата на македонскиот танц и на ората, што се основа на нашата цивилизациска меморија, ги преплави светските фестивали и сцени со својата бесконечна љубов и стана легенда на македонската дијаспора и на македонската интернационална судбина. Симболиката сакаше, кога владата на САД го формираше „Музејот на емиграцијата” на Елис Ајланд, каде што доаѓаа многубројните емигранти во новиот свет, токму неговото име да биде гравирано во вечноста на светската меморија: Џорџ Томов - Македонија, бидејќи тој го научи целиот свет да игра на македонски. Кога во декември 2007 како потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО, заедно со американскиот конгресмен Бил Паскрел, имав чест да го промовирам американското издание на Монографијата за неговата животна одисеја, во организација на почесниот конзул на Македонија во Њу Џерси, Славко Маџаров, во тој миг знаев дека на сите светски сцени на коишто Џорџ Томов ги играше македонските ора, од антиката до денес, и во сите илјадници срца каде што тој со својата скулпторска имагинација ја внесе кореографијата на неговиот бескраен талент, ќе го запаметат чинот во кој тестаментално го одигра прошталното оро „Чупурлика” пред овациите на воодушевената њујоршка публика. Томов го познаваше секој сантиметар на Њујорк и при последната средба на Бродвеј ми рече: „Она што Александар го замислил пред 2300 години со Александрија, за светската заедница на народите се оствари денес во Њујорк”. Денес се отвора едно поглавје во кое неговото заминување ги обврзува Македонија и македонската заедница во САД да изградат Музеј на интернационалниот танц што ќе го носи неговото име, во кој ќе бидат сместени илјадници реквизити, костими и снимки и во кој ќе се изучуваат македонските танци и ора, на коишто им го посвети својот живот во петте децении исклучително посветени на афирмација на Македонија во светот. Проштевајќи се од Џорџ Томов, да помислиме на славната песна на Френк Синатра, што лично го запозна, дека оној што успеал во Њујорк успеал насекаде низ светот. Македонија се проштева од нејзиниот најголем играорец, кој заедно со песната на Јонче Христовски, со гајдите на Пеце Атанасоски и со гласовите на Никола Бадев, Васка Илиева и Александар Сариевски ја создаваат сликата што етномузикологот Јосиф Чешмеџиев ја напиша за Македонија: „Македонија нема сфинги и палати, но нејзините песни и ора се нерушливите градби на нејзината вечност”. Џорџ Томов, митскиот ороводец на македонската музичка вечност, ќе продолжи да игра на небото на нашата меморија. Нека биде вечен споменот на Џорџ Томов, кому му беше роднина цела Македонија. |