|
|
На 8-ми Септември Македонците да се обединат! |
Желба ми е на 8-ми Септември Македонците да се обединат! Нашата родина Македонија тоа го заслужува!Позајмено интервју со Генералниот Конзул на Република Македонија во Канада м-р Драган Ѓурчевски за весникот „Македонија“ - гласило на Македонците од Северна Америка (15 Август 2011) Господине Ѓурчевски поминаа околу пет месеци од вашето доаѓање во Торонто. Какви се вашите први импресии?
Морам да напоменам дека уште на почетокот од мојот престој овде во Торонто, имав можност да ја почуствувам добро познатата македонска гостопримливост и бев одлично примен од големата македонска заедница, во како што јас милувам да кажам вториот град во светот по бројот на македонци, после Скопје. Торонто е преубав и прекрасен град, меѓународен бизнис центар, светска метропола и секако предизвик и престиж за живеење на многу луѓе ширум светот. Мене лично ми се допаѓа тука а најважно од се е тоа што се чуствувам како дома. Прекрасните македонските православни цркви, големиот број македонци со кои сум во секојдневна комуникација како и големиот спектар на настани со културен, национален, историски, верски, бизнис и спортски карактер се само дел од сегментите кои ми го збогатуваат престојот овде. Далечината од својата родна грутка не преставува тежина во ситуација кога знаете за важноста на сопствената мисија, служејќи и на својата татковина и бројната македонска заедница овде во Канада. Моментално сте најмладиот Генерален Конзул на Република Македонија овде на просторите на Северна Америка и ширум светот. Дали младоста за вас преставува хендикеп или предност и како се снајдовте на новата работна задача? Прво ќе го потенцирам фактот дека иако сум реалтивно млад човек, сепак во периодот кој помина имав можност да акумулирам огромно работно искуство учествувајќи и работејќи во повеќе сфери на општественото и политичко живеење во Република Македонија. Максималното искористување на искуството од четирите години поминати во советот на Општина Центар како советник и годините поминати како директор на владината Агенцијата за млади и спорт од една страна, како и енергијата која ја носи младоста, посветеноста во работата и предизвиците кои ми престојат од друга страна, се клучна алка за секојдневно успешно совладување на сите пречки кои со себе ги носи мојата сегашна позиција. Кои се најважните сегменти на кои го насочивте вашето внимание во последниов период и кои моменти го одбележаа истиот? Иако сум релативно кратко овде сепак уште на почетокот од моето преземање на Генералниот Конзулат на Република Македонија во Торонто, за краток период успеав да ја скенирам моменталната ситуација, да ги дијагностицирам слабостите и секако да воспоставам еден нов претпознатлив начин во организацијата на работите. Нововоспоставените менаџерски теркови кои се каректеризираат со вредност и посветеност во работата, треба да придонесат за што поквалитетно функционирање и работење, во согласност со интересите на Република Македонија и бројната македонска заедница во Канада. Секојдневната професионална и посветена работа на целиот тим во нашето дипломатско-конзуларно преставништво, во последниве месеци го подигна нивото на квалитет во развивањето на односите на нашата земја со земјата на прием. Посебен акцент е ставен на потикнување на соработката во делот на економијата, културата, науката, образованието и други области, како на државно така и на локално ниво. Во периодот кој измина ја проширивме соработката со бројната македонска заедница во Канада и исполнувањето на нивните секојдневни потреби во делот на конзуларното работење. Во првите шест месеци од оваа година само во однос на конзуларната проблематика, во рамки на Генералниот Конзулат на Република Македонија во Торонто, примени се и обработени повеќе од 300 предмети со најразлична содржина, што преставува зголемување на бројот на обработени предмети, за повеќе од 10% споредбено со истиот период минатата година. Исто така, област на која придаваме големо значење секако дека е економската дипломатија која од 2006 година стана составен дел од ангажманот на македонските дипломатско- конзуларни преставништва во странство. Се трудиме во рамки на нашите можности и надлежности насекаде да придонесеме за промоција на Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции, преку промоција на предностите за отварање бизниси, потикнување на македонскиот извоз, како и зајакнување на позицијата на земјата како доверлив бизнис партнер. Во насока на ова би сакал да ја споменам и неодамнешната иницијатива за формирање на Македонска бизнис асоцијација во Канада која обединува повеќе мали и средни компании кои покриваат различни области (градежништво, недвижности, угостителство, финансии, осигурување, медицина, стоматологија, производство, металургија, трговија, информатика и слично). Уште од првите денови кога пристигнав во Торонто ми беше пласирана оваа идеја за формирање на ваков вид асоцијација и задоволен сум што денес веќе имаме готов продукт, кој во иднина треба да се надоградува и развива. Генералниот Конзулат уште од почетокот даде несебична поддршка и помош во остварувањето на оваа идеја која во иднина ќе ги интегрира македонските компании и бизнисмени а основна задача ќе биде промоција на заедничките интереси на членките, меѓусебните бизнис интереси, негување на меѓусебните односи, размена на искуства и слично. Во однос на тоа што би одвоил како момент кој го одбележа периодот од моето доаѓање до денес секако дека се предвремените парламентарни избори кои за прв пат во историјата на Македонија овозможија право на глас за македонската дијаспора ширум светот. Јас сум горд што сум дел од овој значаен настан кој ќе биде длабоко врежан во историјата и што токму во мојот мандат како Генерален Конзул на Македонија во Торонто се оствари она што многу политички гарнитури го ветуваа од осамостојувањето на нашата држава. Македонците од дијаспората ги избраа своите преставници во парламентот преку кои во иднина заеднички ќе можат да одлучуваат и придонесуваат за доброто на матичната држава. Најважно од се е дека целиот процес на гласање во дијаспората помина без ниту една забелешка и дека истиот е почеток на едно ново поглавје во македонската демократија, кое во иднина ќе треба да се надоградува и развива. Господине Ѓурчевски по струка сте Магистер по економски науки. Иако веќе неколку месеци живеете и работите овде во Канада, сепак како ја гледате моменталната економска ситуација во Македонија? Во однос на економијата општ е впечатокот дека како се враќа во позитива глобалната економија, така и нашата земја покажува позитивни резултати. Имено благо заздравување на мекедонската економија почна да се чуствува уште на крајот од минатата 2010 година. Сите економски показатели за првата половина на 2011 година се во насока на потврдување на фактот дека светската економска криза олабавува и дека Македонија повторно полека но сигурно се враќа на старите патеки на остварување на повисоки економски растови. Стапката на раст на економијата од 5,1% од бруто домашниот производ(БДП) во првото тромесечје од 2011 година, зголемувањето на извозот во првото тромесечје за цели 40% во однос на истиот период лани, како и последните показатели кои укажуваат дека во првата половина на годинава индустриското производство бележи зголемување од 11,8% во однос на истиот период минатата година, само го потврдуваат фактот дека постои позитивно движење во македонската економија. Доколку овие позитивни трендови продолжат, дефинитивно може да се очекува исполнување на планираните проекции на Владата на Македонија и Меѓународниот Монетарен Фонд за економски раст од околу 3% на крајот од годината. Сепак тука не треба да се застане и Македонија мора да тежнее и во иднина да работи на подобрување на економските состојби и секако враќање на состојбите пред економската криза во 2007 и 2008 година, кога забележавме историски највисок економски раст од 6%, кој овозможи зголемување на пензиите, зголемување на платите во јавниот сектор, инвестиции, реформи, градби и многу напредок. На крајот, најважно од се е што Македонија за време на светската економска криза со преземените мерки и политики успеа да извлече максимум и да ги избегне несаканите состојби во кои што се најдоа многу држави во Европа и светот. Сега не очекува многу работа и брзо враќање на старите патеки. Помеѓу македонската дијаспора овде во Канада но и секаде во светот едно од најкоментираните прашања е битката за зачувување на името на Република Македонија, при што неодамна имаше и неколку иницијативи со предлог за комплетно прекинување на преговорите со Грција. Кој е вашиот став околу ова прашање? Мојот став околу ова прашање е поврзан со стратешката цел да станеме членка на НАТО и ЕУ, од која Македонија никогаш нема да се откаже. Тоа се нашите приоритети и ние не се откажуваме од реформите потребни за напредок на земјата, независно дали некој ќе не блокира во нашето интегрирање или не. Сите реформи кои ги правиме се во насока за создавање подобра иднина на нашиот народ. За жал и покрај сите напори ние сме соочени со блокада со која никој досега не се соочил. Барањето да се смени името или идентитетот за наше евро-атланско интегрирање е апсурдно затоа што и самата Европска Унија е сплет на различни идентитети, култури и традиции. Овој спор преставува преседан во поновата светска историја. Но сепак како и да е Македонија не смее да запре. Од една страна треба постојано да работи во насока на спроведување на сите потребни реформи, но од друга страна за жал треба да троши и непотребна енергија во процесот за изнаоѓање на решение за наметнатиот спор. Се наоѓаме во период непосредно пред големиот државен празник 8-ми Септември и јубилејната 20 годишнина од суверена, самостојна и независна Македонија. Дали Генералниот Конзулат на Македонија во Торонто планира нешто по тој повод? Секако, ние веќе сме навлезени во длабока фаза на организација за достојна прослава на овој голем јубилеј за нашата држава. И во минатото во Торонто овој празник беше прославуван во организација на Генералниот Конзулат на Република Македонија, но оваа година планираме неколку новини. Прво и најважно од се е тоа што оваа година настаните кои ние ќе ги организираме на денот 8-ми Септември ќе бидат широко отворени за целокупната македонска заедница во Канада. Второ, за што поуспешна организација на зацртаните програми упативме дирекни покани и оставивме простор за вклучување на сите македонски здруженија на граѓани и медиуми како и црковните општини. Нашата намера е на овој ден да ги обединиме сите македонци кои сакаат да помогнат и учествуваат во прославувањето на овој голем државен празник. Инаку во оваа прилика не би сакал да откривам детали од целодновното прославување на 8-ми Септември во Торонто. Само ќе потенцирам дека бројната македонска заедница во Канада навремено ќе биде известена за сите случувања на тој ден и дека ќе направи се за да се обезбедат услови за масовна и спектакуларна прослава. Мојата желба е на 8-ми Септември на едно место да ја видам обединета целата македонската заедница во Канада. Мојата желба е на овој голем ден за нас македонците, да се остават на страна личните недоразбирања од минатото и без разлика на својата политичка определба сите да се приклучиме на големата прослава, зошто нашата родина Македонија тоа го заслужува. |