|
|
Дело за големиот македонски бизнисмен |
Ова значајно дело беше промовирано во рамките на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ кое е во состав на црквата „Св. Климент Охридски“. Во присуство на голем број иселеници промоцијата ја отвори Маја Доневска-Ивановска, претседател на Литературнотo Друштво „Браќа Миладиновци“, а за монографијата зборуваше Менде Бакаловски, претседател на МПЦ „Св. Климент Охридски“ од Торонто. Во неговото излагање, меѓу другото, тoј истакна: „Монографијата „Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски“ од познатиот и признат публицист Славе Николовски- Катин, претставува осврт за ликот и делото на овој познат и признат Македонец. Книгата е изблик на силната љубов на патриотот и големиот бизнисмен Атанасоски од САД кон родната земја - Македонија. Делото е свидетелство на убавиот збор и откривање на животот и постигнувањата на овој доблесен и голем патриот во македонската дијаспора. Исто така, господинот Бакаловски истакна дека авторот на ова големо дело, Славе Катин е познат на македонската и меѓународната културна и научна јавност со своите 45 публицистички дела, потоа по новинарските и научните трудови кои се посветени, главно, на животот на Македонците во светот, но и на низа други аспекти поврзани со дијаспората, како и со културата, литературата, јазикот, журналистиката, историјата, науката и религијата. Инаку, бизнисменот Џорџ Атанасоски е исклучително значајна, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Иако подолго време живее во Флорида, од своето заминување до денес, тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Тој е еден од најуспешните македонски бизнисмени во САД и во светот, за што е добитник на бројни награди, меѓу кои на највисокото американско општествено признание „Елис ајланд“. Монографијата за Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е значајна и по многу нешта единствено двојазично дело (на македонски и на англиски јазик) која содржи 460 страници во боја и претставува огледало за ликот и делото за големиот македонски бизнисмен. Со тоа авторот на монографијата Славе Катин успеа да го овековечи овој познат и признат Македонец, за кого со право се вели дека нему му припаѓа заслуженото високо место во градењето пријателски, бизнис и други мостови меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија. Ристо Стефов, Торонто |