|
|
| ВМРО-СДРМА и идејата за „Македонија 51-та ѕвезда на американското знаме“ |
|
ВМРО-СДРМА – Самостојна Демократска Република Македонија под протекторат на Америка – претставува период кога македонската слобода се бараше надвор од Балканот. Во време кога Македонија повторно се соочува со уцени, условувања и негирања на сопствениот идентитет, вреди да се потсетиме на идејата за Македонија како протекторат на Соединетите Американски Држави, симболично претставена како „Македонија 51-та ѕвезда на американското знаме“. Оваа идеја не беше плод на фантазија или политичка наивност. Таа се роди од болка, репресија и длабоко разочарување во балканските и европските решенија, кои со децении ја решаваа Македонија без да го прашаат македонскиот народ. По завршувањето на Втората светска војна, наместо мир и правда, македонскиот народ се соочи со нова неправда. Под изговор на „колективизација“ и „задругарство“, по селата започна масовна конфискација на имот, добиток, жито и земјоделска механизација. Немиот и намачен народ, кој со векови ја обработувал земјата за да го прехрани големото македонско семејство, повторно беше казнето – овојпат од сопствената власт. Во такви услови, кај дел од македонската младина созреа радикална, но логична мисла: Македонија нема иднина во комунистичкиот балкански кафез. Решението мора да се бара надвор од балканските рамки. Така се раѓа идејата за Македонија како протекторат на Соединетите Американски Држави. Епицентарот на овие случувања бил Прилеп, од каде што мрежата се ширела кон Битола, преку селото Цер, па сè до Кичево. Во истиот историски контекст мора да се спомене и судбината на Методија Андонов Ченто, кој беше осуден затоа што се спротивстави на ставовите на Темпо и на тогашниот партиски врв – Видое Смилески Бато, Вера Ацева и Страхил Гигов. Ченто, како и овие млади луѓе, ја плати цената за идејата за самостојна и обединета Македонија. Од март 1946 до пролетта 1947 година, во Прилеп се формира македонска револуционерна организација со јасна политичка цел – крајно политичко обединување на Македонија под покровителство на САД. Оттаму и името: ВМРО-СДРМА – Самостојна Демократска Република Македонија под протекторат на Америка. Во текот на летото 1947 година, организацијата зема сериозен замав и се проширува низ повеќе делови од Македонија. Но, како и многу други обиди за слобода во тоа време, и овој беше брутално задушен. УДБА реагираше со апсења и строги пресуди. Глигор Крстевски, главниот организатор, беше осуден на три години затвор. Благој Рампов доби една година и шест месеци, а Благоја Мрмевски – десет години затвор. Сите пресуди беа донесени „во името на народот“, со образложение за наводна соработка со ВМРО на Ванчо Михајлов и обид за отцепување на НР Македонија од ФНРЈ. Особено трагична е судбината на Вецко Стаматоски од село Цер, кој по осуда на осум години затвор беше убиен во затворот во Идризово. На судењето, Стаматоски јасно и достоинствено изјавил: „На американското знаме ќе додадеме уште една звезда–Македонија. Така, ние нема да одиме таму, туку Америка ќе дојде тука.“ Во тие зборови е содржана целата саможртва за самостојна и обединета Македонија. За овој „проект“ е напишано малку. Освен сведоштвата на Глигор Крстевски, темата ја обработува и германскиот историчар Стефан Троебст од Универзитетот во Лајпциг, кој детално го анализира македонското прашање, улогата на ВМРО и различните визии за Македонија како „Швајцарија на Балканот“. Идејата за „51-та ѕвезда“ никогаш не значела буквално приклучување кон САД. Таа била симбол, крик и апел – верување дека само надвор од европските и балканските договори, притисоци и наметнати решенија може да се најде правично решение за Македонија. Денес, речиси осум децении подоцна, оваа тема повторно добива актуелност. Прашањето не е дали Македонија треба да биде 51-та ѕвезда на американското знаме, туку зошто, по толку години државност, македонскиот народ сè уште чувствува потреба да бара заштита и правда надвор од сопствената држава. „51-та ѕвезда“ никогаш не се појави на американското знаме, но остана впишана во историјата како сведоштво за една генерација Македонци што се одбиле да се помират со негацијата. Македонија денес треба да биде цврста ѕвезда на сопственото државно небо. А за тоа е потребно истото она што го имаа младите македонски патриоти во 1947 година – јасна свест за сопствената вредност и храброст да се каже „НЕ“ кога од нас се бара да се откажеме од самите себе.
|


























