|
Една од одредбите на Црковно-народниот собор што се одржа во Охрид од 17 до 19 јули 1967 година, кога беше прогласена автокефалноста на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија, беше донесена и одлуката на Светиот архиерејски синод да се формира Американско-канадско-австралиско-македонска епархија.
Според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, Славе Катин, оваа значајна црковна институција, од почетокот до денес, меѓу другото, има за цел да ги продлабочува врските и да ја јакне љубовта, верата и надежта меѓу македонските иселеници во прекуокеанските земји со Татковината и со Црквата, како и да биде мост за подобро запознавање и зближување на Македонија со земјите кадешто тие живеат. Во почетокот епархијата беше заедничка за САД, Канада и Австралија. Подоцна, се одлучи за Австралија да се формира Австралиско-македонската епархија, а денес Австралиско-новозеланд-ско - македонската епархија, која се оддели како посебна институција, а се формира и Европската епархија.
Според одлуката на Синодот на МПЦ, за прв архиереј на целата Епархијата беше избран тогашниот викарен епископ тивериополски, г. Кирил, кој на 10 август 1969 година беше интронизиран како нејзин надлежен епархиски архиереј. Чинот на интронизацијата беше извршен во најголемата македонска иселеничка колонија и црковно-културен центар на Македонците од сите делови на Македонија - Торонто, од страна на тогашниот дебарско-кичевски митрополит г. Методиј.
Во службата на интронизацијата учествуваа свештени лица, а во присуство на голем број Македонци од сите македонски колонии од Канада и САД, бројни гости и официјални личности на македонските организации и асоцијации, како и претставници на канадската влада и на медиумите.
На 4 октомври 1969 година, во просториите на МПЦ “Св. Климент Охридски” во Торонто, со учество на бројни делегати и гости за прв пат е формирано Епархиско собрание, како највисоко тело на оваа Епархија. Потоа се избраа: верификациона комисија, записничар, потпретседател, како и Епархиски управен одбор, Епархиски црковно-судски совет и Епархиски црковно-просветен совет.
Црквата „Света Богородица“ во Детроит
По дванаесет години, Американско-канадско-македонската црковна епархија беше официјално регистрирана пред американските власти на државата Њујорк. Тој чин претставува историски момент за македонските иселеници и еден од најзначајните настани во животот и дејноста на МПЦ на северно-американскиот континент. Регистрирањето на ова високо управно тело на МПЦ во САД и во Канада, имаше силен одраз во натамошната афирмација на македонското име и духовните вредности на македонските доселеници во новите средини.
Беше тоа 12 септември 1981 година, светол датум за Македонците од САД и од Канада, кога во МПЦ “Св. Димитрија” во Рочестер, во државата Њујорк, митрополитот г. Кирил ги потпиша документите и го означи законското регистрирање на Епархијата во присуство на видни личности од македонските заедници, свештени лица и пред американски адвокат.
Имено, по одржувањето на молитвата во храмот “Св. Димитрија”, во хотелот “Американа”, во кој се наоѓаше канцеларијата на адвокатот, со потписите на архиерејот и архиерејскиот заменик, првпат надвор од границите на Македонија се озакони и се призна епархија на Македонската православна црква. Во тој период, Епархијата ја сочинуваа 15-на црковни општини со десетина парохиски свештеници. Со тоа Епархијата стана и нераскинлив дел на мајката Светиклиментова црква во Македонија.
Веста за регистрирањето на Епархијата брзо се разгласи преку средствата за јавно информирање на македонските, во американските и канадските медиуми. Меѓутоа, посебно внимание на овој настан посвети њујоршкиот дневен весник “Тајмс Јунион”, на чии страници беше објавено законското регистрирање на Епархијата, постоењето на Македонската православна црква и на македонската нација во целина.
Митрополитот Кирил беше првиот наджен архиереј, а Митрополитот Методиј е сега надлежен архиереј на Епархијата.
Продолжува
 Пишува: СЛАВЕ КАТИН
|